По двете победи на стартот на Мундијалот во Алжир и поразот од Тунис, младинската репрезентација на Македонија загуби и втор пат. Шпанија беше пресилна за избраниците на Илија Темелковски, кои немаа решение за расположениот Даниел Душебаев и славеше убедлива победа со 25:36. По овој пораз, неопходен ќе биде бод за Македонија на дуелот против Бразил, за да се обезбеди осминафиналето.
На стартот беше 1:1, пред Шпанија да постигне 3 гола во серија за прво сериозно водство со 1:4. Беше и 2:5, пред Кузмановски и Шилегов да намалат на 4:5. Пропуштивме шанса за нерешено, и потоа тргна „фуријата“. Со голот на Фернандез, Шпанија предводена од Душебаев стигна до 4:8, пред Талески да намали на 5:8 во 13 минута.
За следниот гол на Македонија се чекаше 6 минути, кога Кузмановски го намали високот водство на Шпанија на 6:12. Повторно имавме „црна дупка“, неколку технички грешки во серија, погрешни додавања до пикер, и Шпанија се одлепи на плус 11, 6:17 во 28 минута. До крајот на полувремето погоди Кузмановски за 8:18.
На стартот на вториот дел разликата пак се искачи на 11, а нашите репрезентативци успеаa да намалат еднаш на минус 9, во 45 минута преку Велковски, 18:27. Темелковски во овие моменти ги внесе на теренот ракометарите со помала минутажа, но битка разлика во резултатот немаше. Шпанија рутински ја одржуваше и ја зголемуваше предноста се до конечните 25:36.
Нема сомнеж дека Бразил ќе ја победи Буркина Фасо, па ќе остане последниот дуел меѓу јужноамериканскиот противник и Македонија да одлучи за патникот во осминафиналето. Овој натпревар се игра утре со почеток во 19 часот.


