Македонската младинска репрезентација на клучните натпревари против Шпанија и Бразил за пласман во осминафиналето на Мундијалот во Алжир, ќе мора да игра без десното крило Томислав Јагуриновски.
Тој на дуелот против Тунис заработи директен црвен картон, а поради тоа што судиите оценија дека има намера во стартот на еден од противничките играчи, досудија и син картон, што значи дополнително разгледување на ситуацијата и суспензија. Јагуриновски доби два меча казна, па нема да игра против Шпанија и Бразил.
Единствени левораки играчи за овие два меча во составот на Темелковски, ќе бидат Мартин Велковски и Мице Шилегов, па македонскиот селектор ќе мора да комбинира со нивната минутажа. Следен натпревар за Македонија е утре од 19 часот против Шпанија.


