Младинската машка ракометна репрезентација на Македонија од пред два дена е во Маврово каде ги почна подготовките за настап на Светското Првенство што во втората половина на јули ќе се игра во Алжир.
Селекторот Иле Темелковски веќе ги собра ракометарите во првата половина на јуни во Скопје како прва фаза од подготовките, а за овој втор дел од подготовките што ќе трае до 6 јули во Маврово, повика 19 ракометари.
Марко Нелоски и Мартин Томовски, кои имаа проблеми со повреди, веќе заздравуваат и тренираат максимално заедно со другите. Филип Талески ќе се приклучи на репрезентацијата на саботниот утрински тренинг.
Според планот на подготовки, младинците по враќањето од Маврово ќе заминат за Доха каде на 11 и 12 јули ќе одиграат две пријателски средби со соодветната репрезентација на Катар, како последна подготовка пред настапот на Мундијалот. Заминувањето за Алжир е предвидено за 16 јули.
Младинската репрезентација по успешно минатите квалификации за СП каде беше во група со Полска, Португалија и Турција, обезбеди пласман на Мундијалот, а таму ќе настапи во Групата Ц заедно со селекциите на Шпанија, Тунис, Бразил, Русија и Буркина Фасо.


