Македонската младинска репрезентација денеска во Маврово го стартуваше вториот дел од подготовките во пресрет на настапот на Мундијалот во Алжир. Таму ќе се подготвуваат 19 ракометари, од кои селекторот Темелковски ќе избере 16 што ќе патуваат на африканскиот континент. Капитенот Талески доаѓа в сабота, бидејќи побарал уште три слободни денови поради приватни причини.
„Ќе се комплетираме во сабота кога ќе пристигне и капитенот Талески, денес доаѓаат Кузмановски како и Крстевски и Петровски од Еурофарм Работник. Започнуваме расположени и позитивни се надевам во тој дел ќе поминат и подготовките.“ – вели Темелковски.
Дел од ракометарите имаа напорни сезони, дел од нив играа за сениорската репрезентација, и немаа воопшто пауза, па Темелковски вели дека ќе се внимава и ќе се дозираат тренинзите во Маврово за сите да бидат на исто ниво.
„Битно е да останеме фокусирани, неповредени и што поподготвени да го дочекаме Светското првенство. Откако ќе се комплетираме посебно ќе се разговара и ќе се одржат неколку состаноци бидејќи мораме да внимаваме со дозирање на тренинзите. Имаме искуство кога бевме со А репрезентација, некако тој систем за темпирање на формата ни се измести, па некои беа преморени, и не беа израмнети. Ќе се обидеме да влеземе со оптимална форма, сите да бидат израмнети. Ќе работиме да се подготвиме подобро психички, физички, но и психолошки пред заминување за Алжир. Костурот на младинската селекција се познава многу добро, ќе се обидеме да го задржиме системот кој тие играчи го играат во клубовите или дел од нив и во А селекција. Нема многу да размислуваме за напад, а акцентот ќе биде одбраната. Систематски да ја сложиме одбраната па да можеме со транзиција од сигурен и трпелив напад да дојдеме до изгледна шанса за шут.“ – продолжи Темелковски.
РФМ се договори со Рајн Некар и капитенот Филип Талески ќе биде од националниот тим на Македонија, иако првично Германците не сакаа да го пуштат.
„Талески е капитен на оваа селекција и треба да се поработи и со него покрај останатите играчи. Мора да се поработи и на психолошката состојба, покрај ракометната заради таа еуфорија што ја имаат пред учеството на Светското првенство. Да бидат сите кооперативни да има дух и спортско другарување, ова е колективен спорт и сите мора да го дадат својот придонес.“ – вели Темелковски.
Селекторот со кој Македонија го има најголемиот успех на младинските шампионати (четврто место на ЕП во Полска во 2002 година) вели дека треба да се оди чекор по чекор, но дека целта е четвртфинале.
„Ако се биде во ред, да поминеме осминафинале да играме меѓу осумте најдобри би било успех, а се над тоа ќе биде одлично за македонскиот ракомет.“ – заврши Темелковски.
Првенството во Алжир се одржува од 18ти до 30ти јули. Македонија е во група со Бразил, Шпанија, Тунис, Буркина Фасо и Русија.


