Селекторот на младинската ракометна репрезентација, Илија Темелковски ги собра дел од ракометарите и означи старт на подготовките за СП 2017 кое ќе се игра во Алжир. Во некомплетен состав без Филип Кузмановски, Марко Нелоски, Филип Талески, Мартин Томовски, Мартин Велковски, како и без Димитар Димитриоски, Милан Лазаревски и Горан Крстевски, кои се на тренинг со сениорите, младинците одржаа полесен тренинг и играа кошарка. Селекторот Темелковски смета дека настапот на Мундијалот е важен момент за македонскиот ракомет.
„За овие играчи СП е голем предизвик. Имаме во тимот и кадети, и младинци, и сениори. Не сме комплетни од причина што во исто време неколку ракометари се во А селекцијата. Таму се пет репрезентативци и уште тројца во соработка со Раул кои помагаат во тренинзите. Сите нив ќе ги имаме на располагање во втората фаза на подготовките на 28 јуни кои ќе бидат во Маврово и Скопје. Можно е да играме пријателски мечеви, но се ќе зависи од договорот со тие репрезентации. Обезбедив некои материјали за Русија и Шпанија, како и останатата група со која вкрстуваме. Мора да се однесуваме професионално против сите. Многу е важен стартот, но мора да внимаваме затоа што квалификациите целиот фокус беше ставен на Полска, па Португалија не изненади. Нема да се залетуваме многу, туку стабилно ќе газиме. Имаме тим кој добро се познава меѓусебно. Нашите дострели нормално треба да бидат за што повисок пласман, но мора да „гинеме“ против секого ако сакаме успех.“ – вели Темелковски.
Голманот Никола Даниловски, кој имаше одлична сезона во Пелистер, е оптимист и верува дека Македонија ќе дотурка далеку на СП.
„Не сме комплетни, овие седум дена ќе работиме во различен состав. Потоа, во Маврово ќе ја подготвуваме главната тактика. Знаеме кои се Шпанија и Русија, а за другите допрва ќе обезбедуваме информации. Се работи за младинско ЕП, тука името на репрезентацијата не важи ништо. Очекуваме да ја минеме групата, а потоа се може да се случи.“ – вели Даниловски.
Левото крило Давор Палевски треба да биде еден од главните адути на селекторот Темелковски. Тој смета дека Македонија има шанси да ја помине групата.
„Имаме одлична група, која и не е толку тешка. Тука се Шпанија, Тунис, Бразил и Русија, а Буркина Фасо е тотална непознаница за нас. Ќе се подготвуваме во Скопје, потоа заминуваме за Маврово. Ќе ги одржиме тренинзите, па потоа ќе размислуваме поконкретно за првата средба. Имаме големи шанси да ја минеме групата, да влеземе во осминафиналето на Мундијалот.“ – вели Палевски.
На првиот список за СП 2017, Темелковски има вкупно 21 ракометар, а истиот ќе се крати по подготовките во Маврово. Во Алжир, ќе патуваат 16 или 17 ракометари.


