Исланд победува и без Палмарсон, Египет „уловен“ во мрежата на „рибарите“

Противникот на Македонија во групната фаза на СП во Франција, репрезентацијата на Исланд, славеше на првиот пријателски натпревар пред стартот на Мундијалот, иако играше без повредениот Арон Палмарсон. „Рибарите“ играат на Бигма Купот во Данска и во првото коло беа подобри од Исланд со 30:27, иако губеа на полувреме со 13:14.

Египет водеше на стартот со 2:5, па 4:8, 6:9, но Исланѓаните до крајот на полувремето стигнаа до 13:14. Во вториот дел Египет повторно го контролираше резултатот, се до 17:18, а потоа почна да се игра гол за гол, 20:20 до 23:23, пред Исланд да го преземе водството и да поведе со 26:25. До крајот тоа беше зголемено за конечни 30:27.

Палмарсон поради повреда остана дома, и непосредно пред тргнувањето за Франција ќе се реши дали тој ќе биде дел од репрезентацијата, или Исланд ќе мора да игра без него.

На натпреварот против Египет, во исландската репрезентација се истакнаа Магнусон и Гудмундсон со по 6 голови, додека ветеранот Сигурдсон и Елисон постигнаа по 5 гола. Голманот Арон Рафн Едвардсон имаше 12 интервенции.
Исланд ќе биде противник на Македонија во последното коло од групната фаза на Мундијалот, а во групата се уште и Тунис, Ангола, Словенија и Шпанија.