Со победа започна новата година на „новата“ Македонија

Македонската репрезентација ја победи Босна и Херцеговина во единствениот официјален пријателски натпревар пред настапот на Светското Првенство во Франција со 28:24. Со неколку нови лица, Мартин Поповски, Мартин Велковски, Кирил Колев, Благојче Трајкоски, Ласко Андоновски, како и повратникот Ристо Арнаудовски, Македонија изгледаше сосема пристојно во одбраната и во нападот, кога ќе се споредат со квалитетот на Босна и Херцеговина.

По почетните 2:2, избраниците на Лино Червар се одлепија на 8:2 со серија од шест голови, пред се поради грешките на Босанците во нападот. Голманот Колев забележа две интервенции дури беше на голот, пред да биде заменет од Трајкоски. Предноста на Македонија порасна до највисоки плус 8, 12:4, но по тајм-аутот на Шуман, Босна направи серија од 6:1 и се доближи на пристојни 13:10. Сепак до крајот на полувремето уште два гола за Македонија, и на пауза се замина со 16:11.

На стартот на вториот дел на голот застана Никола Митревски и собра 3 интервенции набрзина, па предноста отиде на највисоките 21:13, а потоа беше и 22:14. Во периодот до 44 минута, избраниците на Червар почнаа да грешат во нападот, Арнаудовски заработи второ исклучување и предноста се стопи на 22:19.

Македонскиот селектор упорно форсираше игра без голман, па гостите дадоа неколку лесни голови и го направија финишот поинтересен, беше 24:22 во 50 минута. Гостинската серија беше прекината со голот од пенал на Манасков за 25:22, а потоа беше и 26:23. Овчина намали на 26:24, а Митков стрелаше во полуконтра за 27:24. Босанците промашија во следниот напад, а цепелинот меѓу Манасков и Георгиевски ја крена публиката на нозе на две минути до крајот за 28:24. До крајот остана истата разлика за конечни 28:24.

Најдобар во македонската селекција беше Дејан Манасков со 8 голови, по 5 имаа Стоилов и Лазаров, а повратникот Миркуловски беше стрелец на 3 голови. Голманското трио имаше вкупно 15 интервенции во текот на целиот меч. Македонија и Босна и Херцеговина ќе одиграат уште два пријателски натпревари во Скопје, но тие ќе бидат затворени за јавноста.