Словенечкиот стратег Тоне Тисељ, кој ја предводи клупата на унгарскот тим Дебрецин, е на чекор до промоција во нов тренер на македонскиот првак ЖРК Вардар. Откако клубот реши по три години да ја прекине соработката со Индира Кастратовиќ, се одлучи да му даде доверба на искусниот словенечки стратег, кој во својата успешна кариера и портфолио има забележано бројни настапи во најсилното европско ракометно натпреварување.
Тисељ е 55-годишен словенечки стратег, кој седеше на клупата и на машката и на женската селекција на Словенија, а беше селектор и на Црна Гора. На клупски план има работено во машките тимови на Горење Велење и Целје Пивоварна Лашко, а долги години беше дел од успешната приказна на словенечкиот шампион, Крим. Покрај словенечкиот женски првак беше дел и од Будуќност, КИФ Колдинг, како и од романската Баја Маре. Во импресивната кариера тој дури двапати го подигнал драгоцениот европски клупски пехар. Со Крим беше европски првак во 2001 и во 2003 година.
Со дел од интернационалките во Вардар, Тисељ има работено во Крим, а ги има тренирано и во националните тимови на Словенија и Црна Гора, па веројатно нема да биде потребно многу време за адаптација и прилагодување на неговиот стил на игра.
Во наредните денови се очекува официјализирање на соработката доколку се договорат и последните детали со искусниот стратег. Со ангажманот на Тисељ, Вардар ќе добие одличен стратег кој е познат по тоа што бара дисциплина од ракометарките, па сега со право јавноста ќе може да очекува во четвртиот обид, македонскиот првак конечно да стигне до шампионската титула.


