Вардар со убедлива победа го отвори Струга 2014

Во вториот натпревар од вториот ден на ракометниот турнир Струга 2014, РК  Вардар Скопје ги одмери силите со рускиот вицепрвак Санкт Петербург. Вардар го започна натпреварот без десното крило Шишкарев кој веќе подолг период отсуствува од подготовките, а се очекува негово брзо враќање на терените.

Во почетните минути исполнети со многу голови и контра напади по 13 минути игра резултатот беше изедначен 7-7 со израмнувачкиот гол на Тимур Дибиров, кој ги постигна  и наредните два гола за водство на Вардар од 9-7.  Таа предност остана до пред крајот на првото полувреме кога во последните моменти Вардар постигна гол за 16:13 и крај на првото полувреме.

Второто полувреме започна со промени на голманската линија на двете страни Вардар. На голот на Вардар за прв пат застана Арпад Штербик кој го замени дотогаш солидниот Страхиња Милиќ. Тоа и беше клучниот момент во целиот натпревар. Екипата на Петербург заигра деконцентрирано со многу грешки во напад и одлични одбрани на „вардаровиот“ голман. Се редеа контри кои Карачиќ пред се, ги реализираше за првата двоцифрена предност во 40-тата минута. Отаму само рутина беше финишот на натпреварот кој повторно им припадна на „црвено-црните“ за конечни 35-22.