Металург загуби од Кретеј на отворањето на Струга 2014

Одмерувањето на силите изостана и покрај фактот што парижаните имаа мотив, агресивност  и иницијатива во текот на мечот, Металург рутинирано и смело, својствено за подготвителен натпревар, им даде шанса на сите играчи, но на крај му ја подаде раката на подобриот.
Резултатски првото полувреме беше изедначено, првите 15 минути им припаднаа на гостите од Кретеј кои ја имаа иницијативата и минималното водство, за подоцна со одличните одбрани на новиот голман на „металурзите“ и неколкуте брзи голови на Миркуловски и Манасков да се сменат улогите. Во 23-тата минута новото десно крило на екипата од Автокоманда, српскиот интернационалец Џукиќ го постигна својот прв гол во дресот на „сино-белите“. Првото полуреме заврши со изедначен резултат 11-11.
Второто полувреме започна идентично за екипата на Лино Червар, во игра влегоа Кукоски и Митревски и повторно се изротира целокупната постава на Металург, спој на искуство, младост и  полетност. Во игра влегоа сите освен гоманската ѕвезда Дарко Станиќ. Единственото возбудување на теренот беше од резлутатски аспект. Несвојствено за грубоста и агресивноста која е главна карактеристика на одбраната на Металург, овојпат премногу млаки и пријателски стартови за разлика од французите кои сакаа да покажат дека не се само декор на овој турнир.
 Првата осетна предност тимот на Борко Ристовски ја направи на средината на второто полувреме, а на три разлика 17-20 зголемија во 19-тата минута. Тука започна и експериментирањето со поставата на францускиот стратег кој ја замени речиси целата прва постава вклучувајќи го и Борко Ристовски кој одлично си ја заврши својата работа во првиот дел од натпреварот. Но парижаните како да добија дополнителен импулс и веќе во 20-тата минута ја направија најголемата предност на натпреварот од 21-17. Во последните 10 минути Кретеј рутински го заврши натпреварот со 24-21 и ја продолжи низата од неуспешни почетни натпревари на македонскиот шампион, на турнирот во Струга, откако минатата година одигра нерешено со екипата на Констанца од Романија.