Ракометарката на Вардар, Јованка Радичевиќ, нема повеќе да игра за репрезентацијата на Црна Гора, барем според пишувањата на црногорските медиуми. Десното крило го нема на списокот за пријателските мечеви со Македонија, што е објавен од страна на Црногорската федерација.
Покрај Радичевиќ, на списокот што не се знае кој го објави бидејќи сè уште не е назначен селектор, ги нема и капитенот Марија Јовановиќ, голманката Соња Бајрактаровиќ, Катарина Булатовиќ, Билјана Павичевиќ и Анџела Булатовиќ.
Сите се во очекување на денешниот избор на нов (или стар) селектор, па ќе се знае дефинитивно кои ракометарки нема да играат за националниот тим. Анџела Булатовиќ со сигурност веќе нема да го носи дресот на Црна Гора по настапот на ОИ откако официјално објави крај на репрезентативната кариера.
Неофицијално, капитенката Јовановиќ размислува да не игра повеќе за националниот тим, а истото размислување го делат Радичевиќ и Бајрактаровиќ, додека Булатовиќ и Павичевиќ, кои играат во Будуќност, и понатаму би требало да играат за Црна Гора, иако ги нема на списокот за неделата на ЕХФ.


