Новиот дебитант во македонската Суперлига, составот на Работник со ново партнерство, зголемен буџет и високи амбиции ќе ја започне првата сезона во најсилното македонско ракометно натпреварување. Ракометните гласини веќе подолг период го збогатуваат составот на Работник со поранешниот македонски репрезентативец Наумче Мојсоски, но изминатава седмица се погласни се вестите за пристигнување на нов поранешен македонски репрезентативец во Битола.
Управата на Работник веќе ги направила првичните разговори со искусниот десен бек Ренато Вугринец, а единствена пречка за пристигнување на нова ракометна легенда во Битола ќе бидат финансиите. Како што велат од таборот на искусниот словенец, засега останало сè на првични разговори без да се официјализира нешто конкретно или да се договорат подетално односите меѓу клубот и ракометарот. Многу работи ќе зависат и од ангажманот на Наумче Мојсоски во клубот, бидејќи Работник во овој момент е подготвен да ангажира само еден ракометар од повисок профил. Кога во прашање е Мојсоски, ниту таму не се прецизирани деталите за започнување на соработката, а последните информации велат дека Мојсоски е поблиску до соработка со клубот во кој играше предминатата сезона отколку да остане во Битола.
Вугринец минатата сезона настапуваше во Макаби Ришон Лезион од Израел, а договорот со клубот истече на крајот на јуни. Во иста ситуација се наоѓа и Нaумче Мојсоски кој не продолжи со ЦСМ Букурешт каде настапуваше од октомври 2015.
Преостануваат неколку седмици до почетокот на македонскиот шампионат кога ќе се дефинира составот на Иван Марковски и Алескандар Зарков. Дали ќе има нови ракометни изненадувања во составот на Работник останува да видиме во следниот периодот.


