Чешка слави во Злин: Македонија се надева на чудо во Скопје

Македонската ракометна репрезентација со пораз се враќа од првиот бараж дуел за Светското првенство во Франција 2017. За да можат да се надеваат на нов голем ракометен собир, македонските репрезентативци мораат да победат во Скопје со поголема разлика од шест погодоци.

13396854_10153502373996644_1636123620_o

Уште на самиот почеток беше јасно дека Чесите нема да дозволат лесен деби натпревар за новиот македонски селектор Лино Червар. Во првите десет минути, Лазаров ја одржуваше македонската репрезентација на минимална предност, но очајната одбрана на чело со индиспонираниот Ристовски (1 одбрана) беше причина Чешка целосно да се врати во игра. Клучни минути за високата разлика на полувреме беа последните 10, кога Чешка најпрво дојде до два погодока разлика (10-8, 21мин), а до крајот на првите триесет минути Македонија им дозволи на домаќините да ја зголемат предноста и со слободен удар од девет метри по истекот на првиот дел, Бечвар да стави крај на полувремето за конечни 14-10.

13396517_10153502374006644_1125513082_o

Вториот дел повторно започна лошо за првата опција на македонскиот гол, по осум минути Ристовски немаше ниту една интервенција (ја заокружи бројката од очајни 6% одбранети удари  до тој момент), причина поради која разликата од првиот дел остана непроменета. На спротивната страна Галија имаше фантастична партија, ударите на македонските бекови не беа вистинска закана за голот на Чешка, а техничките грешки на домаќините беа единствената помош за составот на Червар.

Средината на второто полувреме ја одбележа лошата реализација и порозната одбрана на Македонија, тоа беше причина Чешка да дојде до највисоките пет погодоци разлика во 45-та минута (22-17). Високата предност Чесите ја задржаа до самиот крај, а во 58-та минута имаа и седум погодоци предност. Миркуловски и Ојлески ја ублажија високата разлика, но Бабак стави точка на мечот и домаќините на крај се радуваа на победа од шест погодоци и конечен резултат 28-22.

Најпрецизен на теренот беше Лазаров со осум погодоци, додека Георгиевски и Миркуловски постигнаа по четири голови. Во составот на Чешка, Здрахала постигна шест погодоци, Стехлик и Бабак по пет, но најзаслужен за победата беше голманот Галија кој запиша 19 интервенции зад своето име.

Реванш натпреварот Македонија ќе го одигра пред скопската публика во „Борис Трајковски“, во среда на 15.06 со почеток од 20:00.

ФОТО:ФИЛИП ВИРАНОВСКИ