Женскиот ракометен клуб Металург во новата сезона доби квалитетно засилување.
Се работи за ракометарката Маја Ивановска која потекнува од школата на ЖРК Куманово, а во Металург пристигнува од екипата на Жито Прилеп. Оваа година Ивановска беше дел од поширокиот список на сениорската репрезентација на Македонија предводена од Ристо Магдинчев. Ивановска игра на позициите лев и среден бек.
Во новата сезона ЖРК Металург ќе стартува во помладен состав , а екипата главно ќе биде составена од пионерски, кадетски и сениорски репрезентативки на Македонија. По заминувањето на главните играчи на тимот, сега младите треба да покажат што знаат и умеат во новата сезона.
“Добро е чувството да бидеш дел од ЖРК Металург, кој е целосно подмладен и се состои од талентирани македонски ракометарки. Повеќето од сегашниот состав на Металург се кадетски, младински и сениорски репрезентативки на Македонија и добро се познаваме. Се надевам дека овој тим многу брзо ќе ги покаже своите вистински вредности“ – изјави Маја Ивановска за сајтот на ЖРК Металург


