Репрезентацијата на Норвешка го освои 22-то Светско првенство, кое од 5 до 20-ри декември се одржуваше во Данска.Селекцијата на Норвешка со победа против Холандија го освои првото место на мундијалот со убедлив триумф од 31:21 (20:9).
Најголемото изненадување на првенството, Холандија, не успеа да и парира на Норвешка, додека скандинавките ја имаа расположената голманка, Кари Гримзбо, која натпреварот го заврши со 22 интервенции. На спротивната страна голманката на Холандија, Вестер, имаше 10 интервенции, од кои девет беа во второто полувреме. Норвешка како што го започна така и го затвори натпреварот, иако во второто полувреме Холаѓанките од – 13 се вратија на само – 6.
Во селекцијата на Норвешка секоја ракометарка доби шанса, а најефикасна беше Камила Херем со седум погодоци. Во репрезентацијата на Холандија се истакна Еставана Полман која во еден период од натпреварот заработи повреда, но тоа не ја спречи да запише осум голови зад своето име.


