Домашниот селектор успешно ја поставил одбраната на својата репрезентација играјки 3-2-1, со што комплетно била неутрализирана нашата бековска линија на чело со Филип Талески која воедно е и нашето најсилно оружје.
Српските јуниори имале фуриозен почеток на натпреварот поведувајки со 4-0 по што нашиот селектор Петковски бил принуден да повика тајм-аут. И по тајм-аутот српската репрезентација продолжила да го зголемува своето водство најпрво на 12-5, па 16-7 за конечни 18-10 на полувреме.
И вториот дел поминал во комплетна доминација на домашната репрезентација. Водството постојано се зголемувало 25-14( 41 минута), 30-16 (49 минута), за на крајот натпреварот да заврши со конечни 33-21.
Најефикасен ракометар во нашата репрезентација беше Мартин Манасков со осум постигнати голови, додека пак Филип Талески четири пати се запиша во листата на стрелци.
Ова беше добра можност за селекторот Зоран Петковски да ги воочи слабите страни на нашата репрезентација во еден натпревар против доста силен противник како што е српската репрезентација, пред самиот старт на Европското првенство.
Денеска во 16:00 часот овие две репрезентации ќе одиграат уште еден натпревар овојпат зад затворени врати, со три периоди по 20 минути.


