Црна Гора преку Ангола до прво мундијалско 1/4 финале

Селекцијата на Црна Гора во изминативе пет години беше шампион на Европа и го освои среброто на олимписките игри во Лондон, но никогаш не успеа да се пласира во четвртфиналето на едно светско првенство. По Бразил 2011 и Србија 2013, во Данска, Црна Гора го одбележува своето трето учество. Откако завршија на првата позиција во својата група, на патот до нов успех, избраничките на Аџиќ во осминафиналето мораа да се соочат со Ангола. Африканките иако незгоден противник се покажаа недоволно квалитетни и на крајот загубија со високи 38-28 (19-13).

Уште на самиот почеток Црногорките го наметнаа своето темпо и ја имаа контролата над резултатот. Во последните 10 минути од првиот дел Ангола немаше повеќе сили да им се спротистави на противничките и сето тоа резултираше со високи 19-13 на крајот на првото полувреме.

Уште во средината на вториот дел Црна Гора создаде двоцифрена предност, која се движеше до максимални единаесет голови разлика. Точка за крај на натпреварот стави вардаровото крило Итана Грбиќ за конечни 38-28.

Најефикасна во редовите на Црна Гора беше Јованка Радичевиќ со девет постигнати голови додека за најдобар поединец беше прогласена Мајда Мехмедовиќ, која постигна седум голови. Кај Ангола Бернардо имаше 11 прецизни удари, а Карлос постигна осум погодоци. Во четвртфиналето Црна Гора ќе игра против Норвешка.