Светското првенство се одржува по 22-ри пат и е 10-то првенство во кое се натпреваруваат 24 екипи. Романија е единствената репрезентација која има настапи на сите досегашни првенства, додека по број на учества Унгарија има 20. Данска после 16 години повторно ќе биде домаќин. Градовите Хернинг, Колдинг, Нествед и Фредерсхафен ќе бидат епицентарот на ракометните случувања во наредните 15 дена. Натпреварите се очекува да бидат изедначени, без нагласен фаворит од самиот почеток на натпреварувањето.
ГРУПА Д
Норвешка пристигнува како олимписки и европски шампион и е репрезентација која секогаш се стреми да го освои секое натпреварување на кое учествува. Во екипата во која главен збор водат Морк, Локе, Офтдал сигурно е едно, дека имаат најголеми шанси да стигнаат до полуфиналето. Проблем може да преставува не играњето на Лунде и Ригелут, но системот кој го имаат и градат со години прави тој проблем да не се осети. Шпанија е репрезентација која после светското младинско првенство 2008 година одржано во Македонија, каде го освои второто место, направи континуитет и на сениорските првенства во Кина и Бразил, каде се врати со медали, како и од олимписките игри во Лондон и нормално од последното Европско првенство во Унгарија каде го играше финалето. Екипа во која играат Барбоса, Манге, Пена, Наваро секогаш е фаворит. Романија е тим во кој сè зависи од можеби моментално најдобриот играч во светот Кристина Неагу и затоа клучно за нив ке биде дали другиот дел од тимот ќе може да ја испрати, тука пред сè ќе треба да го подигнат своето ниво Ардеан, Некита и Манеа. Русија е репрезентација која има најголем избор на играчи со речиси подеднакви квалитети. Можеби тоа ќе биде проблем за постигнување големи резултати кој ги имаа претходно. После фијаското т.е. не играњето на светското првенство во Србија, на тренерското место се врати Евгениј Трефилов, трофеен тренер кој ќе се обиде Русија да ја однесе што подалеку на овој шампионат. Порторико и Казахстан се екипи кој ќе се борат нешто да научат и нормално да не изгубат натпревари со голема разлика.
ГРУПА А
Данска е репрезентација која по големи успеси во доцните 90-ти и почетокот на новиот милениум застана и постепено започна со промена на генерациите. Ракометарките во кадетските и младинските првенства освојуваа први места, и сега ќе ја имаат вистинската шанса да блеснат како домаќини на оваа првенство. Нормално дека ќе бараат голем резултат, а за тоа имаат и подкрепа во силниот состав кој го имаат, сега надополнет и со ветеранката Рике Скоф.
Црна Гора се наметна како нова сила во светскиот ракомет благодарение на резултатот кој го прави екипата на Будуќност и сребрениот медал од Лондон како круна на сè што направи генерацијата на Бојана Поповиќ и останатите. Има континуитет на учества на големи натпреварувања и нормално дека се сметат за фаворит од сенка. Унгарија е екипа која секогаш е подготвена за големи резултати, иако постот на Светските првенства за освојување медал е долг (последен пат 2005 во Русија стигнаа до бронзата). Екипа која исклучиво зависеше од Горбич сега ќе мора без нејзина помош да се обиде да направи нешто. Унгарките веруваат во тоа. Јапонија е екипа која се создава за да направи некој успех во 2020 на Олимписките игри кога би требало тие да бидат домаќини, нивната брзина, упорност и дисциплина им се главните одлики, a дали ќе биде тоа доволно ќе видиме на ова првенство. Тунис како репрезентација е далеку со квалитет од нивните машки колеги, така што играњето тука е искуство плус за нив. Србија е нешто што се вика циркус, ама во права смисла на зборот. Екипа која беше втора пред две години сега после нарушената релација меѓу играчите и тренерот, и не играњето на четирите по квалитет најдобри ракометарки илузорно е да очекува нешто повеќе.
ГРУПА Б
Шведска е репрезентација која се вбројува во фаворитите на оваа група иако нивниот најдобар играч Линеа Торстенсон уште мака мачи со повреда која ја влече подолго време. Сепак Гулден и останатите се надеваат дека може да го повторат успехот што го направија на Европското првенство во Данска 2010 каде беа втори. Полска и нивниот тренер Ким Расмунсен беа хит на последното Светско првенство во Србија со освојувањето на четвртото место, но дали тоа ќе ја повторат играта и во Данска ќе видиме. Квалитетот со кој располага Полска не влева надеж кај полските фанови. Холандија е можеби во ракометните кругови најсимпатичната селекција, која најблиску од сите останати екипи го играа оној таканаречен скадинавски ракомет кој плени и е вистинско задоволство да се гледа, но за поголеми резултати ќе треба малку среќа и нормално квалитет. Кина и Ангола се аутсајдерите во оваа група, но секогаш знаеле да направат изненадување и ќе направат да оваа група биде неизвесна до самиот крај.
ГРУПА Ц
Бразил, актуелниот светски шампион, е екипа која не смени многу во својот ростер, но во овие две години играчите кои играат по Европа малку напредуваа и тоа ке биде голем проблем за да се одбрани титулата од 2013 година. Нормално нивна примарна цел ќе бидат Олимписките игри наредната година во Рио. Франција е екипа која највеќе покажа во подготвителниот период. После големите резултати постигнати во ерата на Оливер Крумболц полека како да се враќаат. Според квалитетот што таа репрезентација го поседува, сигурно се вбројува како еден од фаворитите на оваа Светско првенство. Германија е можеби најчудната екипа, никогаш не сте сигурни колку и што можат. Дојдени на овој турнир со вајлд-карта сигурно дека ако им се отвори патот за да добар резултат дека тие тоа ке го искористат најкратко речено темпирана бомба. Кореа е последниот младински првак и од таа генерација 10 играчи се вклучени во сениорската репрезентација и имаат големи амбиции на овој турнир. Начинот на кој играат, бргу и со многу комбинаторика, во спротивност со инфериорноста во одбраната ќе даде одговор дали можат да направат нешто повеќе. Конго и Аргентина се екипите кои во оваа група се аутсајдери и немаат никакви шанси во борбата со останатите репрезентации.
Се на се не очекува интересно првенство и одличен ракомет за сите вљубеници во овој спорт…


