Никола Карабатиќ осуден за измама!

Најдобриот ракометар на планетата, Никола Карабатиќ денес во Криминалниот суд во Монпелје беше прогласен за виновен во случајот на нелегално обложување на натпреварот меѓу Монпелје и Сесон-Ренс, додека ракометарот настапуваше за тогашниот француски шампион Монпелје. Судот му изрече казна од 10 000 евра, а обвинителот дополнително побара и суспензија но не ја доби.
Пресудата беше прочитана во 14:00 во Криминалниот суд на Монпелје, а по завршните зборови обвинителот побара максимална казна од три месеци и 30 000 евра за сите инволвирани во случајот од 12 мај 2012 година.
Никола Карабатиќ заработи само парична казна исто како и неговиот брат Лука кој ќе треба да плати 15 000 евра. По изрекување на пресудата браќата Карабатиќ одлучија да ја обжалат одлуката на судот.
Централната фигура околу која и се градеше овој предмет е Младен Боиновиќ. Тој заработи највисока казна од 30 000 евра но избегна суспензија.
Францускиот суд покрена истрага во 2012 година, откако собра доволно докази за да може да изгради предмет за нелегално обложување на дел од ракометарите на Монпелје. Во последниот натпревар од сезоната во 2012 година, екипата на Монпелје играше против тим од дното на табелата Сесон Ренс. Монпелје веќе ја обезбеди шампионската титула пред тој натпревар, а најдобрите ракометари знаејќи дека нема да настапат на тој дуел се обложиле против својот клуб.
Во случајот биле вмешани и девојките на ракометарите и потесното семејство, а откако беа најдени доволно докази дека најдобриот ракометар на планетата се обложувал од својот телефон, Карабатиќ сведочеше дека сето тоа е вина на брат му и тогашната девојка кои го направиле тоа без негово знаење.
Сега кога нема повеќе кривични дилеми, Никола Карабатиќ наредната недела треба да го објави новиот клуб во кој ќе настапува од сезоната 2015/2016.