Рајн-Некар во потрага по нов голман?

Иако за еден спортист е престиж да игра во најсилната лига на светот, потврда дека амбициите не се секогаш пресудни при избор на професионалната иднина е српскиот чувар на мрежата, Дарко Станиќ. Некогаш најдобриот континентален голман по финансискиот крах на Металург, својата ракометна среќа ја побара во Бундеслигата. Станиќ беше единствената сламка спас на последнопласираниот тим во германското првенство. Битигхајм испадна од лигата, а Станиќ својата кариера ја продолжи во Кувајт.
Квалитетите на искусниот чувар на мрежата оставија свој печат во најдобрата ракометна лига на светот, а управата на вицешампионот Рајн-Некар Ловен во тој период беше во потрага по соодветна замена за данскиот репрезентативец Никлас Ландин Јакобсен.
На задоволство на ракометниот гигант, Дарко Станиќ потпиша преддоговор со бундеслигашот, според кој треба да се стави на располагање на тимот на почетокот од подготовките.
Но, некогашниот српски репрезентативец се почесто почна да навраќа во Македонија, а со тоа ги подгреа шпекулациите дека далечината, менталитетот и луѓето кои го опкружуваат ќе бидат пресудни во својата веројатно последна професионална одлука.
Деновиве Дарко Станиќ повторно е актуелен во Македонија, тој веќе остварил средби со два скопски клуба по што ќе треба да пресече каде ќе ја продолжи својата кариера.
Најсериозен во преговорите со искусниот интернационалец е вториот македонски претставник во Лигата на шампионите, РК Металург. Тие се без вистинско решение на голманската линија и повторно се надеваат на успешна соработка со српскиот чувар на мрежата.
Од неодамна во игра за потпис на српскиот „министер за одбрана“ влезе и нов македонски клуб кој би можел да ги замрси сметките на тимот од Автокоманда.
Шпекулации има многу, шансите за сезационален трансфер се мали, но постојат и тоа е доволно за нова надеж кај македонските ракометни вљубеници дека повторно ќе ја имаат привилегијата да ја гледаат магијата на голот на Дарко Станиќ.
Подготовките на Рајн-Некар Ловен стартуваат во среда на 14 јули, а дотогаш искусниот голман треба да одлучи која ќе биде новата дестинација за Дарко Станиќ.