Русите и Романците ќе ја пресудат иднината на Македонија за Европското првенство во Полска

Европската ракометна федерација ги обелодени имињата на арбитрите, кои ќе ја делат правдата во последните две кола од квалификациите за Европското првенство 2016.
Македонија во Сент Гален ќе ѝ гостува на репрезентацијата на Швајцарија, а судиската правда ќе ја делат Русите Зотин и Волотков. Се работи за искусен судиски пар кој беше дел од Европското првенство за жени 2014, а ја делеа правдата на Фајнл Фор турнирот во ЕХФ Купот оваа сезона во Берлин.
На одлучувачкиот натпревар во Скопје против Чешка, за настапот на ЕП 2016 на Македонија ќе и пресуди романската судиска двојка Дин и Дину. Квалитетен судиски пар кој често им судел на македонските екипи во најсилното натпреварување, а по одличните настапи изминативе сезони ЕХФ им ја укажа честа да го судат финалето на Фајнл Фор турнирот во Келн оваа сезона.