По завршувањето на СП во Катар, ракометарите на Вардар им се вратија на клупските обврски. Во дерби натпреварот на коло на СЕХА Лигата вардарци го совладаа Мешков Брест со резултат 28-25 со што успешно го започнаа вториот дел од сезоната.
Вардар-Брест Мешков 28-25 (13-13)
Рутенка го донесе првото водство за гостите од Белорусија, а на спротивната страна врати Прибак за 1-1 по три минути игра. “Црвено -црните” искористија неколку грешки во нападот на Брест и со голот на Тоскиќ успеаа да дојдат до првото водство од два гола позитива 5-3 по десет минути игра. Мешков Брест многу брзо успеа да се врати во игра и со вториот гол на Никуленкау го превзема водството 6-7, кое благодарение на неефикасаната игра во нападот на вардарци, успеа да го одржи до последните секунди од првиот дел, пред Шишкарев да ги постави конечните 13-13 на полувреме.
Раул Гонзалес го започна вториот дел со стартерите Душебаев и Горбок кои одмараа во првото полувреме , но и тоа не ги спречи гостите со двата гола на Камшик и Стојковиќ да дојдат до +2, 13-15. Водството на Брест како да ги подразбуди вардарци, кои инспирирани од одличниот Штербик во вториот дел со серија од 6-2 успеаа повторно да поведат со 19-17 во 40 минута. “Црвено црните” имаа и три голови разлика кои не гарантираа мирна завршница. Тоа го потврди Вукиќ кој со својот успеа да донесе израмнување за својот тим 24-24 на пет минути до крајот. Вардар одговори со серија од 3-0 која ја предводеше руското трио Дивбиров, Шишкарев, Горбок за нова позитива од +3, 27-24 на минута и пол до крајот со што беа решени сите дилеми. Точка на натпреварот стави Марковиќ за конечни 28-25.
Најпрецизни во екипата на Вардар беа Тимур Дибиров со 8 и Данил Шишкарев со 5 погодоци.


