Словенија подобра во осминафиналето

Нашата репрезентација го имаше најслабиот натпревар на СП кога најмногу требаше.Словенија го запре македонскиот олимписки сон совладувајки ја нашата репрезентација со 28-30 (15-16). Кога во осминафинален дуел ќе имате четири промашени седмерци во комбинација со голем број промашени зицери победата е тешко остварлива. Немавме решение за брзата игра на Словенците, нивните плејмејкери како што беше најавено ни задаваа големи проблеми, а згора на се и ветеранот Шкоф беше одличен кога најмногу требаше. Штета за оваа генерација која имаше голема шанса да го постигне најголемиот успех во историјата на македонскиот ракомет, но никој неможе да ги одземе блескавите партии во групната фаза на СП во Катар кои донесоа голема радост меѓу македонските ракометни фанови.

Осминафинале

Македонија-Словенија 28-30 (15-16)

Во едно израмнета игра во првото полувреме, Словенците подобро ги искористија своите прилики и заминаа со позитива од +1, 15-16. Видлива беше нервозата кај нашите репрезентативци на самиот почеток од натпреварот. Никола Марковски го отвори натпреварот, а на спротивната страна со брз центар веднаш врати Доленец. Токму брзата игра на Словенците ни задаваше најголеми главоболки во текот на првиот дел. Секоја наша техничка грешка преку фантастична транзиција беше казнувана од противникот. Покрај брзата транзиција на Словенија, во вториот дел на првото полувреме се разигра и централниот бек Себестајан Скубе (постигна 5 гола) за кој нашата одбрана немаше решение. Ако се придодадат и трите промашени седмерци и неколкуте зицери разликата од само еден гол негатива со која отидовме на полувреме и не беше така голема. И покрај негативата од 11-13 која ја имавме во 20 минута, со вториот гол на Дејан Манасков успеавме да израмниме на 14-14 во 27 минута. Во последните две минути влеговме со ракометар плус, но при резултат 15-15, повторно му дозволивме на Скубе лесен шут и погодок со кој Словенија замина со водство од 15-16 на полувреме.

Goce Georgievski mak-slo

Гоце Георгиевски постигна седум погодоци

Вториот дел започна со игра гол за гол, но во 37 минута се случи голем пех за нашата репрезентација. Филип Миркуловски доби директен црвен картон а нашата репрезентација остана без еден од клучните ракометари. И во второто полувреме немавме решение за словенечките плејмејкери и расположениот Гајиќ. Големиот број на техничи грешки и промашени зицери Словенија немилосрдно ги казнуваше, а во 51 минута со голот на Бежњак стигнаа до највисоките +4, 23-27. И покрај големата негатива нашите ракометари имаа две шанси да се вратат комплетно во овој натпревар кои не ги искористија. Најпрво при резултат 27-29 нашиот најдобар ракометар на овој натпревар Гоце Георгиевски од чиста позиција шутираше во стативата не успевајки да не доближи на негатива од само еден гол. Последната шанса да сториме нешто повеќе ја имаше Немања Прибак кој исто како и Георгиевски на две минути до крајот го погоди дирекот за крај на сите наши надежи за пласман во четвртфиналето. Конечниот резултат гласеше 28-30 за Словенија.

Најпрецизни во нашата репрезентација беа Лазаров и Георгиевски со 7 постигнати голови. Во репрезентацијата на Словенија Гајиќ постигна 9 гола.