Некогашниот српски репрезентативец и ракометар на Келце, Мешков Брест, Црвена Ѕвезда, Партизан и последно на израелскиот Макаби Ришон – Растко Стојковиќ, иако најави збогување, повторно се активираше на ракометните терени.
38-Годишниот ракометар почна да игра за составот на Рекреативо, но не за пари, туку за гајба пиво и журка со песни на Драгана Мирковиќ во соблекувалната по завршувањето на натпреварите. Згора на се, ракометарите што играат за овој состав, плаќаат и месечна членирана во клубот, за да може да бидат платени официјалните лица на натпреварите.
Стојковиќ иако имаше потпишано тригодишен договор со израелскиот Макаби, си плати 3.000 евра оштета и се врати дома по само една година. Заедно со Стојковиќ, дел од клубот се поранешните професионални ракометари Иван Дреновац од Партизан, како и Слободан Крстиќ, кој македонските љубители го паметат од настапите за Југ Зегин.
Рекреативо игра во Првата лига Центар, што е трета по ранг во Србија и има околу 30 ракометари, од кои најголем број се рекреативци, но рамноправно се носат со сите други екипи.



