Ракометарите на Вардар загубија со 39-30 од Веспрем во петтото коло од Лигата на шампионите и паднаа на четвртото место на табелата во групата Б од елитното натпреварување.
Иако Вардар е голем ривал на Веспрем, сепак меѓу навивачите на унгарскиот гигант, има и такви што ги обожаваат дел од вардарци, конкретно Тимур Дибиров.
По натпреварот во „Веспрем Арена“, Дибиров беше „нападнат“ од повеќе навивачи, но само еден имаше среќа и го доби неговиот дрес, а тој има интересна приказна што ја сподели на социјалните мрежи.
„Вчера имав шанса да го гледам натпреварот во живо. За левото крило на Вардар, Тимур Дибиров, сметам дека е најдобро во цел свет. Вие можете да не се согласувате со ова, но тој за мене е број еден. Имав голема желба да се сликам со него, па пред мечот направив банер на руски јазик и ја напишав мојата желба. Отидов во сала еден час пред стартот на мечот и тој го виде банерот. По завршувањето тој ми пријде и ме изненади со неговиот дрес, иако јас бев со резерва дека ќе ме запамети и дека ќе дојде да се сликаме. Тој беше најдобар на мечот со осум гола, а нормално мене ми беше драго што Веспрем победи. Навивачите на Вардар кога видоа дека го добив неговиот дрес, почнаа да ме прашуваат како го направив тоа, но беше тешко да се разбереме на руски или англиски, но сигурно ми беа љубоморни што го имав дресот на еден од нивните најдобри игра. Ти благодарам многу Тимур, Господ да те благослови“, напиша навивачот.




