Египет на тронот во Скопје, Грци со пехарот во Струга, сите пркнаа, за нас сè уште врвот е „тредичи“.
1.Некои нови „дечки“
Онаа позната констатација „веќе сите играат ракомет“ со дополна „и забележително напредуваат“, доби и тоа како добра потврда на штотуку завршеното Светско првенство за играчи до 19 години, на кое Скопје беше домаќин во изминатите две недели.
Заврши кадетскиот Мундијал и како што е редот, ден потоа се сумираат впечатоците. Египет е новиот светски шампион, „големите“ Германци се сребрени, а Данците „бронзени“. Португалија по сите пријатни изненадувања на крај остана без медал, но дефинитивно се претстави како една од најперспективните млади селекции во светот, рамо до рамо или на ова СП „за рамо“ повисоко и од Франција. Французите по поразот од Португалија, од тронот паднаа на шесто место, што е можеби и најнеочекувано во финалниот пласман.
Македонија пак е, ни погоре ни подолу од реалноста – „тредичесима“.

Египјаните ја има најдобрата селекција од играчи до 19 години и сигурно, заминуваат со најсилни впечатоци од овој Мундијал. Во Скопје ја освоија првата титула на младинските ракометни мундијали, станаа првата африканска репрезентација што стигнала до овој успех и првата што успеала да го преземе досега неприкосновениот примат на европските репрезентации. „Фараоните“ во Скопје не само што го израдуваа претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, туку донесоа и нова свежина на светската ракометна сцена. Имаат успешен систем, компактна, тактички добро подготвена репрезентација, неколку вонсериски играчи и пред се добра хемија. Египет потврди дека има добра ракометна база и паметно искористени ресурси. Убав пример дека може да израснат светски шампиони во ракомет и во пустина, иако лигата не им е Бундес, а клубовите им се горе-долу како овие нашиве, без Вардар се разбира.
2.Реалност еден на еден
Каде е Македонија во новиот младински поредок на светската ракометна мапа? По ранкинг, ни погоре, ни подолу тука некаде околу 13-та што стана наша сурова реалност. По играта и квалитетот можеби и под тоа.
Зошто е реално кога Египет ќе стане светски шампион, а нереално ако од Македонија на СП дома, се очекува нешто повеќе од две „климави“ победи против Нигерија и Бахреин и една на поправен со Аргентина, од два „достојни“ порази од Данска и од Португалија и еден „недостоен“ од Јапонија?
Зошто за нас, европските репрезентации се секогаш пресилни, а неевропските тешки и незгодни без препознатливот систем? Па со кого да играме тогаш за да ни биде нам се по мерка? Со Андора и со Сан Марино или со оние од Кукови Острови?
Или следен пат да играме СП само на ФБ? Еден на еден…море, седум на шест, напад одбрана. Тука сме ептен извежбани. Кој издржи, тој нека биде селектор. Нема друго!
Да биде појасно за неупатените, настапот на македонските кадети или поточно изборот на стручниот штаб, беше критикуван од ракометната јавност, најгласно од поранешниот македонски репрезентативец и доскоро тренер на Охрид, Горан Андоновски. Па стигна одговор од селекторот Данило Брестовац, откако претходно во преписката на социјалните мрежи се вклучија и други ракометни имиња. И имаше тука од се по нешто, но шала на страна. Има тука неколку работи што треба да бидат јасни – и за резултатот и за очекувањата и за играта на терен, но и таа надвор од него…
3.Мундијалот во 13 точки
Што може да заклучиме од настапот на македонските кадети на СП на кое бевме домаќини? Може многу, но еве нека бидат 13 работи што деновиве наjмногу бодеа очи:
1.Од секоја критика треба да се извлече поука. Или да се побие со аргумент. Никако, да се побара „замолкнете ги критичарите“! Тоа е „ишкање на мувата…“
2.Реакциите од Охрид не се први и единствени, претходно и РК Аеродром и тоа на Собрание на РФМ се пожали дека во Македонија има(ло) практика од типот „ако сакаш во репрезентација мора да играш за нас…“ , посебно во помладите категории. Тоа е веќе алармантно и опасно и никако не е за „под тепих“. Во Македонија тешко оди со истрагите, ама не е лошо овој пат да се расчисти – Дали? Кој? Кога? Каде? Како? Со кого?…
3.Репрезентацијата не е ничија приватна своина. Таа е НАША, треба да биде НИЕ, гордост и идеал за секое дете што ќе фати ракометна топка. Од успехот сите добиваме, од неуспехот губиме. Нека ни биде јасно еднаш засекогаш! Се е друго минливо и менливо.
4.Македонија е 13-та на кадетското СП. Можеби тоа е реално според силите и можностите. Но, зошто секогаш е срамота и научна фантастика да се посака нешто повеќе и да се работи за да се достигне тоа? Супер сте, одлични сте, а во што сме друго 15, 13…може да помине на избори, во спорт – НЕ!
5.Нашите се ниски, нивните се високи и вајани! Па селектирајте високи деца, ставете ги во правилен тренажен процес и вајајте играчи. Нели имаме државна ракометна академија, „милион и пол“ школи и академии, 5-6000 деца што тренираат ракомет, младински лиги, лиценцирани тренери и селектор професионалец?
6.Другите играат во силни клубови, дел од нашите репрезентативци не играат никаде, уште се во академии… Ракометари на 18 -19 години?! А, како ги селектиратe, по боја на очи?
7.Репрезентацијата е промоција и катапулт за младите играчи. Па и не е во нашиов случај. Ќе те катапултира само ако вредиш, ако не играј и 65 минути – џабе!
8.Костески, Серафимов и Кизиќ ги знаевме и пред СП, ги знаеме и после. Од другите никој не се катапултира толку високо за да влезе во некој од вредните бележници на трибини, како што влегоа Португалците, Германците, Египќаните…Па дури и бекот од Нигерија се продаде во Бутел!
9.Толку ни се можностите, тој ни е изборот… овие се најдобрите. Признание на немоќ, лоша работа, можеби грешки, а можеби и делумно промашување на проектот „генерација 2000“.
10.Нема хемија. Па, во тимот таа се создава. Ако после сите турнири и еден месец заеднички подготовки, не успеете да се „соедините“ во репрезентативен дрес на СП пред домашна публика, тогаш дефинитивно има проблем и во играчите и во стручниот штаб.
11.Селекторот селектира, но клубовите ги создаваат играчите. Пред да го анализираат настапот на македонската репрезентација, сите релевантни и помалку релевантни фактори прво нека удрат една анализа што направиле тие и нивните клубови за оваа, па и за онаа постарата репрезентација и за македонските репрезентативци. Па, после ќе дискутираме.
12.Одговорност на играчите. Ракометари од 18-19 години не се деца почетници па да ги лажеме за да ги стимулираме, дека е супер кога ич не чини, дека не ги сака среќата кога имаат 4 од 15, дека е добро само да ја „лупаат“ топката кога немаат идеја, знаење па и храброст да одиграат за погодок, дека се Винцек во одбрана, а тие не знаат кај тераат… Лидер со наведната глава не води тим. Пред јавноста се застанува и по победи и по порази. Тоа е дел од обврските, не желба или наредба. За среќа, децаат брзо учат од грешките. Подобро сега отколку подоцна.
13.Смена на селекторот по брза постапка и по секоја цена. Погрешно. Се убивме од менување селектори и никој да ни се погоди. Странците не не разбираа кај што не им одговараше, ама по македонски, паѓавме на величини, па ретко кој се осудуваше да ги критикува. Брестовац е домашен, има поддршка да ја истера транзицијата, но и добро знае дека ќе има „шутеви во глава“ повеќе отколку што имаа Раул, Лино и Обрван заедно. Добро е што беше голман, знае да брани и да фрла контри.
Има уште, ама 13 доста се. Заради бројката не за друго
Тераме напред. Оваа не толку, ама во 2002 какви деца има, чудо едно…
И да не останам должна и да не споменам, грчки АЕК во финалето го победи Еурофарм Работник и за прв пат го освои турнирот во Струга. Деновиве ќе му спарингува и на европскиот шампион Вардар во подготовките пред новата сезона.
Нови играчи, ново време.


