Раул го прибра во ПСЖ несуденото засилување за Келце

Десното крило на репрезентацијата на Шпанија и Тулуз, Феран Соле преминува во ПСЖ од летото 2020 година. Сајтот на ПСЖ го објави официјалното потпишување на договорот. Иако шпанскиот репрезентативец беше блиску до трансфер во полскиот Келце, сепак се реши за францускиот дрим тим.

Договорот на Соле со ПСЖ важи од сезоната 2020/21 и во наредните три сезони. Претстојната сезона ќе му биде последна на 26-годишниот играч во неговиот сегашен клуб Тулуз. Соле имаше одличен настап на Светското првенство во Германија и Данска со што го привлече вниманието на себе.

„Голема чест е што потпишав со ПСЖ. Сега ќе имам можност да играм во Лигата на шампионите, а исто така ќе работам под водство на Раул Гонзалес. Тимот планира да остане најсилниот клуб во Франција, а исто така да се бори и за европска титула“, рече Соле по потпишувањето на договорот.

Феран Соле е трет играч кој го ангажира ПСЖ од сезоната 2020/21, по Кристопанс и Пранди.