24РАКОМЕТ ИНТЕРВЈУ со Сашо Огњеновски, директор на Тинекс Пролет: Работиме домаќински, затоа функционираме толку долго!

Клуб со традиција, така би го опишале оние познавачи на македонскиот ракомет. Клуб од населбата „Пролет“ од каде што и потекнува ракометниот клуб Тинекс Пролет, токму овој клуб е еден од најстарите ракометни клубови во нашата земја.
За денешниот Тинекс Пролет, неговите амбиции, цели и желби ни раскажа директорот на клубот, Сашо Огњеновски.Пред почетокот на вториот дел од сезоната како би ги опишале вашите амбиции, дали имате шанса за пласман меѓу петте најдобри екипи во македонската Супер лига?

Амбициите на РК Тинекс Пролет се секогаш исти и високи, секоја година очекуваме да бидеме меѓу првите четири екипи во Македонија, иако оваа година го подмладивме тимот, историјата и квалитетот на клубот ни налага да имаме секогаш високи цели, со еден збор имаме стабилен и квалитетен спонзор и клуб со високи амбиции.

Дали пред почетокот на натпреварите од вториот дел од Супер лигата, екипата на Тинекс Пролет ги засили своите редови или пак ќе настапи со истиот состав без никакви промени?

Во овој момент ќе се задржиме на овие играчи кои ги имаме на располагање и очекуваме влез во плеј-офот. Имаме една одлична и уиграна прва постава, ни се врати левото крило, Стефан Трајковски после повредата, во средината на сезоната ни се приклучи и Славиша Димитријески, од нив двајца очекувам најмногу во пролетниот дел и со една голема борбеност и залагање од сите тоа што го краселе Пролет години наназад да бидеме тврд орев за противниците.

Колку сте задоволни од интересот за натпреварите на РК Тинекс Пролет?

Пред неколку години се преселивме во салата во училиштето „11 Октомври“ во населбата Пролет, од каде што и потекнува нашиот клуб. Тоа е сега наш дом и се повеќе почнува публиката да се враќа на нашите натпревари. Тоа ни е една од целите, да ја вратиме публиката и ракометот во населбата. Цела Македонија знае дека порано на нашите натпревари се барало карта повеќе, имало по 4500 – 5000 публика.

Кои се плановите на клубот за во иднина, вложување во млади ракометари или пак пазарење на ракометари од другите клубови од нашата земја?

Вложувањето во нашиот клуб го носи еден човек, човек од населбата, сопственик на ланецот Тинекс маркети г-динот Тодоровиќ, со огромна поддршка од Душко Кадиевски и Ѓорѓи Огњеновски тие имаат преголема љубов кон клубот и кон населбата, меѓутоа работиме домаќински и не се расфрламе со пари непотребно како што прават повеќето клубови во Македонија, затоа и функционираме како клуб толку долго, клубот е формиран 1962 година и до ден денешен не е згаснат. Секогаш излегувале врвни ракометни имиња од нашиот тим и така ќе биде и во иднина.

Имавте чест да играте со еден гигант-Веспрем пред својата публика, во петок ќе се сретнете повторно. Каков е вашиот впечаток за првиот одигран натпревар?

Тоа е едно големо искуство за нас, да играш со еден таков гигант во секој поглед е придобивка за сите нас од управа до играчи. Веспрем беа презадоволни од пречекот и на нивно барање ќе одиграме уште еден натпревар на 06.03.2015 ( Петок) со почеток од 18ч. Покрај тоа клубот не покани да бидеме учесници на турнир за млади категории „Балатон Куп“ во Веспрем во текот на месец април каде ќе бидат одбрани екипи од цела Европа, а ние ќе учествуваме со младинска и пионерска екипа.

Раскажете ни нешто повеќе за работата со помладите категории -младинци, пионери и кадети?

Кадетите ги тренира Славе Атанасовски, децата веќе тропаат на вратата на првиот тим, играа и на некои натпревари. Имаат одлични услови, одлични термини и сигурно дека од нив очекуваме многу за во иднина. Пионерската школа кој ја води тренерот, Игор Котевски тренира со несмален  интензитет и во се поголем број. Сите тројца тренери, Илија Темелковски, Славе Атанасовски и Игор Котевски се големи имиња во македонскиот ракомет.

Кои се вашите очекувања за младинските категории?

Очекувањата ни се и оваа година да влеземе меѓу првите четири екипи во Македонија и конечно да го дигнеме пехарот како победници што ни бега две години по ред, а најважно од се е децата да ги приклучиме во првиот тим.

Ваше гледиште за „странците“ во ракометната репрезентација?

Ќе покаже времето, меѓутоа мислам дека сето тоа е добро во моментов за да се преброди овој вакум што го имаме во репрезентацијата меѓу генерацијата на Кире Лазаров, Борко Ристовски, Наумче Мојсовски… и генерацијата на Филип Талески, Марко Нелоски…, тој јаз се јави како резултат на негативното работење на претходната гарнитура на РФМ каде знаеме дека не ја пријавуваа кадетската и младинската репрезентација на Македонија за натпреварување со изговор дека не сме имале талентирани деца.

Кој тренер најмногу придонел за РК Тинекс Пролет?

Илија Темелковски – Ико можеби и сега е еден од најдобрите тренери во Македонија, ние како клуб веруваме во него без резерва, меѓутоа и тој препознава во нас една здрава и сигурна средина.

Според вас колку е променет ракометот во последните десет години?

Ракометот во последните години е драстично сменет во однос на порано, сега се повеќе се посветува внимание на физичката спремност, денеска секоја озбилна екипа има кондициски тренер, меѓутоа се плашам дека финансиската криза во целиот свет си го зема данокот во сите спортови ( ракомет, кошарка, одбојка) освен фудбалот. Мора да се направат и некои измени во самата игра, на пример да се ограничи времето во напад и да се најде модус да судиите немаат толкаво големо влијание врз ракометната игра и крајниот резултат.