Еурофарм Работник не успеа да издржи две полувремиња на исто ниво, па на своето деби во Лигата на шампионите претрпе пораз од Спортинг со 29:30. Во меч со интересен развој на настаните и игра во која и двете екипи имаа свои период на крајот, сепак, дојде до израз квалитетот на ривалот од Лисабон, но и искуството од играње на вакви натпревари.
Битолчани имаа подобро прво полувреме. Успеаја да наметнат игра во која се надигруваа со противникот и постојано беа во резултатска неизвесност. На моменти имаа и плус два гола што им даваше надеж за убав резултат. Сепак, секогаш кога ќе се одвоеја Спортинг успеваше да дојде до израмнување, па и до пресврт. Меѓутоа имаше противигра во Еурофарм Работник, па и покрај тоа што во одредени моменти имаше плус два за гостите од Португалија на крајот на првиот дел, сепак, предноста беше за составот од Битола.
Тимот на Еурофарм Работник имаше предност од 16:15, но после одморот противникот успеа да наметне свое темпо и да ја преземе контролата на играта. Битолчани останаа во игра и беа близу до резултатот на противникот, но не успеаја во ниту еден момент да дојдат до предност со што останаа на негатива која мораа постојано да ја достигнуваат. Иако се бореа, сепак, имаше и грешки. Вториот дел беше со помалку погодоци, а тоа како повеќе да одговараше за противникот од Португалија така што овој тим имаше шанса повеќе за да дојде до подобар резултат.
Спортинг влезе во финишот од натпреварот со позитива од три гола. Се бараше шанса како да се одработи финишот со посигурна игра и да се фати приклучок, но на секој гол на Еурофарм Работник имаше гол и од Спортинг. На 30 секунди до крајот, сепак, после еден одбранет напад во игра 7 на 6 Шевелево одигра добро и реализираше за 28:29, но последниот напад беше за гостите. Јонеа успеа да дојде до простор за 30:28 за Спортинг, но веднаш потоа Радовиќ искористи шанса да бие за конечни 29:30.
Со ова Еурофарм Работник остана без бодови на своето деби во Лигата на шампионите иако заслужи барем бод за големата борбеност во текот на сите 60 минути.
ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – СПОРТИНГ 29:30 (16:15)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 2000. Судии: Курсад Ердоган и Ибраим Оздениз од Турција. Делегат: Томо Водопивец од Словенија.
ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Митревски, Трајкоски, Ојлески, Маркоски, Маџовски 2, Чурлевски, Стјепановиќ 4, Радовиќ 3, Шевелев 4, Јотиќ 5, Вегар, Кукоски, Остроушко 5, Граџан 2, Кузманоски 1
СПОРТИНГ: Чудиќ, Вејтија 2, Араухо 4, Виеира, Руесга 5, Марцо 2, Роча, Карнеиро, Ван Зелер, Тавареш, Гашпар, Бинго 3, Јонеа 10, Младеновиќ, Никчевиќ 1, Фраде 3


