Вториот ден од Светското првенство за кадети во Скопје беше малерозен за двајца ракометари. Голманите на Тајван и на Унгарија денеска немаа многу среќа и двајцата поради потрес на мозокот завршија на интервенција во клиниките во Скопје.
По Хсијанг Чуанг од Тајван двапати удираше со глава во рамките од голот. Прво при една интервенција се лизна и удри во стативата, а потоа и при скок во пречката. Иако остана на терен, сепак, после мечот мораше на преглед. Дијагнозата е потрес на мозок.
Покрај него повреда заработи и голманот на Унгарија, Бенедек Наѓ. Тој се судри со ракометар на Канада и со главата удри во ногата на противничкиот ракометар, па веднаш беше пренесен на преглед. И кај него дијагнозата е потрес на мозокот. Тој се врати во „Јане Сандански“, но е на трибините. Сепак, се работеше за сериозен удар, па во текот на утрешниот ден кој е слободен селекторот ќе има можност да види дали има потреба од замена.


