ЧСМ Букурешт нема да игра на Струшкиот турнир – замената доаѓа од Грција!

Романскиот тим ЧСМ Букурешт, каде што настапува македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски, иако беше најавено, нема да игра на Струшкиот турнир.

Поради финансиските проблеми и намалувањето на буџетот, ЧСМ Букурешт се уште нема започнато со подготовки, па долго патување до Македонија и три меча во првиот дел од претсезоната нема да им одат во корист.

Организаторот не чекаше многу, веднаш ја најде замената. Клубот кој заврши на вицешампионското место во првенството на нашиот јужен сосед, АЕК Атина ќе биде дел од Струшкиот турнир и ќе одигра три меча на отвореното игралиште „Женска Плажа“.

Атинскиот тим има големи амбиции да го симне Олимпијакос од врвот, па летово ги ангажираше поранешните членови на Еурофарм Работник, односно Пелистер и Охрид, Игор Арсиќ и Малик Хогас, а од Бундес лигата од Магдебург, дојде Шпанецот Игнасио Плаза Хименез.

Турнирот на кој ќе настапат домаќинот Струга, Еурофарм Работник, Бутел, Констанца и Гуиф, ќе се игра од 14 до 17 август.