Екипата на Охрид се чини дека го реши најголемиот проблем ова лето. Долгата потрага по десен бек заврши во Хрватска.
Денис Тот, 25-годишен хрватски интернационалец, ќе дојде во Охрид на 3 август, еден ден пред стартот на подготовките и ќе го потпише договорот со „гладијаторите“.
Тој ќе биде замена за српскиот интернационалец Лазар Петровиќ, кој замина во Шведска, а друштво на десната бековска позиција ќе му прави младиот Дејан Гошевски.
Тот, иако релативно млад, во своето резиме има запишано настапи за шпанскиот Адемар Леон, како и за австрискиот Брик, а во Хрватска ги носеше дресовите на Ѓаково и Пореч.
Досега Охрид се засили со Никола Даниловски, Кристијан Анастасовски, Дејан Гошевски и Мартин Манасков, а се очекува разврската и со Грузиецот Лексо Цителишвили, кој е на Арбитража во РФМ.


