Годинава ќе се одржи 47-мо издание на еден од најстарите ракометни турнири во Европа. Во Струга, на отвореното игралиште покрај „Женска плажа“, ќе играат три македонски и три странски екипи.
За разлика од лани, кога учествуваа осум екипи и турнирот се развлече, па мораше да се игра пет дена, годинава се враќа претходниот формат, шест екипи поделени во две групи и по два натпревари секој ден.
Веќе е официјално дека турнирот ќе се игра од 14 до 17 август, првите три дена се резервирани за разигрувањето по групи, додека финалниот ден ќе има три меча за пласман.
Ќе настапат три екипи од Македонија – домаќинот Струга, Бутел Скопје и Еурофарм Работник, додека од странските екипи ќе гостуваат романските Констанца и ЧСМ Букурешт, како и шведскиот тим Еклистуна Гуиф.


