Екипата на Нант каде настапува Кирил Лазаров, во последното коло од најсилната лига на Франција се сретна со Данкерк. На гости, минатогодишниот европски вицепрвак победи со 28:25 и така ја заврши сезоната со победа, но и со пласман во Купот на ЕХФ, иако јасно е дека ќе се аплицира и за вајлд карта за ЛШ.
Лазаров имаше одлична партија и беше трет стрелец за својот тим со постигнати четири гола. Данкерк и покрај поразот достојно му парираше на противникот. Тргна цврсто и во чекор ги следеше головите на Нант. Гостите како фаворити конечно излегоа од сенката и по дваесетина минути започнаа да се стекнуваат со предност која на полувреме гласеше 16:14.
Поминаа седум минути од второто полувреме и Нант веќе започна да влегува во поголема позитива. Дојде до три гола предност кои набрзо прераснаа во четири, па во пет и Данкерк веќе не се врати во игра. Тие успеваа само да се одржуваат до некои три гола негатива со која и го завршија дуелот.
Давид Балагер погоди седум, а Николас Турна му се придружи со пет, додека Арно Сиферт имаше 14 интервенции.


