
Македонската снаа Едуарда Аморим Талеска има шанса да стане една од двете ракометарки, покрај Гербиц, што освоиле четири титули откако е воведен завршниот турнир во Лигата на шампионите. Аморим не доби голема шанса од тренерот Габор Дани во натпреварот против Кристијансанд, кој Ѓер го доби убедливо, но важно беше да се сочуваат силите за финалето.
„Го одигравме првиот дел во високо темпо и со тоа завршивме најголем дел од задачата денеска. Во вториот дел сакавме да им дадеме шанса на сите играчи да играат и исто така штедевме сили за големото финале кое не очекува утре. Се подготвуваме за сите екипи бидејќи не знаеме кој може да победи. Мец можеби игра подобро оваа сезона, но со Амброш во Ростов се е можно така да не може да се предвиди исходот на второто полуфинале“, изјави Аморим за 24Ракомет.
Таа вели дека полесно е да се игра на завршниот турнир кога го нема Вардар.
„Завршниот турнир годинава е поразличен од минатите неколку години. Го нема Вардар годинава и е доста полесно бидејќи тие беа навистина квалитетен противник“, заврши Аморим.
Ривал на Ѓер во финалето ќе биде победникот од дуелот меѓу Ростов и Мец.


