На проблемите во романскиот шампион во женска конкуренција, ЧСМ Букурешт, се чини дека им нема крај. Тие се на добар пат да ја загубат титулата во домашниот шампионат, а веројатно нема да се пласираат на завршниот турнир во Лигата на шампионите.
Лошите игри не се од сега, датираат од поодамна, а сега романските медиуми ја открија причината за тоа. Јованка Радичевиќ, Андреа Лекиќ, Барбара Лазовиќ и уште неколку ракометарки не добиле плата уште од јануари, односно во последните три месеци.
Останатите играчи кои имаат подолг стаж во ЧСМ Букурешт како Мајда Мехмедовиќ и Јелена Грубишиќ, се навикнати на вакво нешто, бидејќи секоја година во првите неколку месеци имало заостанување, но потоа ситуацијата се враќала во нормала.
Ова е логично, со оглед на тоа што клубот во најголем дел се спонзорира од градот Букурешт. Сите ракометарки потврдија дека немаат земено ниедна плата во 2019 година, но дека тоа не е причина за поразот од Мец.
Доколку клубот не ја освои титулата во Романија и не обезбеди место на завршниот турнир во Лигата на шампионите, буџетот кој изнесува околу 15 милиони евра ќе се намали за 25%!


