По добриот настап викендов во Челинџ купот и пласман во полуфиналето, Гоце Георгиевски и ЧСМ Букурешт забележаа висок пораз во првенството на Романија. На гостувањето кај Темишвар беа поразени со 27:17.
Ракометарите на Темишвар одлично го почнаа натпреварот и веднаш направија предност од шест гола, 7:1. До крајот на полувремето ЧСМ ја намали негативата и на одмор замина со два негатива, 7:9. Повторно во второто полувреме Темишвар отвори добро и со серија од 5:0 направи предност која беше доволна за конечна победа.
Во составот на ЧСМ Букурешт Гоце Георгиевски беше на теренот и успеа двапати да стрела прецизно во противничката мрежа. Со овој пораз ЧСМ Букурешт регуларниот дел го заврши на 3. позиција на тебелата, а следува плеј-оф разигрувањето за титулата во првенството на Романија.
Втората екипа во Романија каде што настапуваат македонските репрезентативци Никола Митревски и Велко Маркоски оствари нова победа. Констанца на домашен терен славеше со 36:24 против Потаиса Турда. Со сигурна игра победникот беше познат по првите 30 минути кога домашните водеа со 22:12. Со оваа победа Констанца го потврди првото место во регуларниот дел на сезоната.


