„Кристопанс јаде само ајвар – затоа е толку добар“

Вардар со една, ако не и со двете нозе е во четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако славеше на гостувањето кај хрватскиот првак Загреб со убедливи 18-27.

Десното крило Иван Чупиќ беше интересен за хрватските медиуми и доби интересно прашање за неговиот соиграч Даинис Кристопанс, кој имаше неколку проектили кон голот на Загреб.

„Со што го храните Кристопанс“, праша хрватскиот колега.

Чупиќ имаше интересен одговор.

„Хахахаха…со ајвар, со ајвар…и со малку печурки…Тој беше најдобриот играч, ако лани му требаше повеќе време да се прилагоди, сезонава тој е главен е и во напад и во одбрана. Кога имаме црни минути, само нему му ја додаваме топката и тој погодува од секаде. Главен е во најтешките мигови, дај Боже да остане здрав до крајот на сезоната“, вели Чупиќ.

Реваншот меѓу Загреб и Вардар се игра следната сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19:30 часот.