Не успеа со Вардар, сега ќе го брка трофејот од Лигата на шампионите со ЧСМ Букурешт

Прославената репрезентативка на Црна Гора и поранешен член на Вардар, Андреа Кликовац доби нов ангажман во својата кариера. Откако не го продолжи договорот со Кишвардa, по крајот на сезонава, ќе му се придружи на ЧСМ Букурешт.

Викендов ги помина лекарските прегледи, а на есен ќе ги започне обврските со својот нов тим. За нејзиниот нов ангажман, Кликовац даде изјава за официјалнта страна на ЧСМ Букурешт.

„Доаѓам во Букурешт со цел да ја освојам Лигата на шампионите. Имаме одличен тим и ќе се бориме за овој трофеј. Неколку пати бев блиску до освојување на најпрестижното европско натпреварување, но секогаш нешто недостасуваше. Сезоната ќе биде интензивна и тешка, но сакам да одиграм многу натпревари. Шампионатот на Романија ќе биде исто така интересен“, изјави Кликовац.

Одличната Кликовац во Вардар помина добри шест години во кои неколку пати беше на работ да го освои големиот европски трофеј, но беше поразена во финале или полуфинале. Пред Вардар мина една сезона во Жито Прилеп.