Откако минатата недела тимот на Монпелје го елиминираше ПСЖ во четврт-финалето од Купот на Франција, денеска следуваше реванш во финалето од Лига купот. Таму ПСЖ славеше со 31:25 со што го освои првиот трофеј во ерата на Раул Гонзалес и најави битка за уште трофеи до крајот од сезоната.
Во тимот на ПСЖ на овој меч најрасположен за игра беше Уве Генсхајмер кој постигна девет гола. Со пет погодоци зад него остана Микел Хансен, а голманот Родриго Коралес ја заврши средбата со девет интервенции.
Кај Монпелје, Никола Портнер имаше пет интервенции, додека со шест гола најефикасен беше Порт. Четири гола имаше Афгур.
Тимот на ПСЖ е на добар пат да дојде до круната и во првенството, а е еден од главните кандидати за трофејот и во Лигата на шампионите. Монпелје најверојатно ќе мора да се задоволи со битката за трофејот во Купот на Франција.


