ПСЖ понуди четири милиони евра за Циндриќ!

Уште пред да се пресели во Келце, ракометните медиуми наголемо пишуваа дека Лука Циндриќ ќе замине во ПСЖ без да заигра за полскиот тим, сепак тоа не се случи. Но финансиските проблеми на Келце не се намалија, па повторно се активира опцијата да биде продаден Циндриќ на некој од заинтересираните тимови.

Пред една година Келце и ПСЖ веќе преговараа за Циндриќ, но тогаш износот што го бараше сопственикот Бертус Сервас беше преголем. Сега Хрватот е пред трансферот на кариерата и скоро сигурно е дека летово љубителите на ракометот ќе бидат сведоци на најголемиот трансфер во историјата на ракометот.

Како што пишуваат хрватските медиуми, ПСЖ испратил четири милиони евра вредна понуда за поранешниот вардарец. Буџетот на Келце ќе биде дополнително оптоварен со пристигнувањето на Андреас Вулф, па решение ќе се бара во продажба на Циндриќ. Информациите за оваа висока понуда од ПСЖ ги потврди и сопственикот Сервас.

„Пристигна понуда од четири милиони евра за Лука Циндриќ. Посакувам да остане во Келце до крајот на неговиот договор, но голема е веројатноста да си оди по крајот на сезонава“, изјави Сервас.

Покрај ПСЖ, за Циндриќ се интересира и Барселона, но поверојатно е дека моќниот француски тим ќе стигне до потписот на некогашниот вардарец.