Словенечкиот десен бек и член на Монпелје, Вид Кавтичник, најверојатно ќе му се придружи на Екс ан Прованс по крајот на оваа сезона. Големото име во словенечкиот ракомет, ќе го напушти актуелниот европски шампион по деветгодишна „љубов“. Неговата нова дестинација ќе биде францускиот прволигаш и ривал на Монпелје, Екс. За овој трансфер, се огласи и генералниот менаџер на Екс кој ги потврди овие информации.
„Во напредни преговори сме и Кавтичник е играч кој ни е многу интересен. Помина долго време откако Кавтичник последен пат менуваше клуб, а ние се надеваме дека ќе успееме да го донесеме овде“, изјави Стефан Камбриелс.
Освен за Монпелје, Вид Кавтичник ги носеше и дресовите на Горење и Кил. Во девет години поминати во Монпелје, трипати ја освои франнцуската лига и еднаш Лигата на шампионите, а со репрезентацијата на Словенија, го освои второто место на Европското првенство 2004 година, како и трето место на Светското првенство во Франција пред две години.


