Елена Ливриниќ имаше уште еден забележителен настап за својата екипа Галаци во рамки на првенството на Романија. И покрај незјиното одлично издание Галаци забележа уште еден пораз на свој терен, овој пат од екипата на Корона Брашов со 22:24.
Од натпревар во натпревар Елена продолжува да ги полни противничките мрежи со што покажува дека е во одлична форма. Ливриниќ постигна седум погодоци и беше убедливо најефикасна во својата екипа. Сепак, тоа не помогна на крајот да остварат позитивен резултат. За тоа и е неопходна поддршка и од колешите во екипата кои на овој натпревар имаа слабо издание.
Ова беше 13. пораз за екипата на Галаци со кој остануваат приковани на дното на табелата со само една победа во досегашниот дел од првенството. До крајот на сезоната им претстои голема борба за обезбедување опстанок во лигата.
Од формата на Ливриниќ секако задоволен може да биде најмногу селекторот Симе Симовски бидејќи нејзиното искуство и добра игра ќе бидат од големо значење прво на контролните средби против Црна Гора во рамки на ЕХФ-неделата во март, а потоа и во јуни во баражот за пласман на Светското првенство.
Во истото коло од шампионатот на Романија екипата на Баја Маре за која настапува Марија Штериова беше слободна, додека капитенот на сениорската репрезентација Елена Ѓеорѓиевска постигна два гола во победата на својата ЦСМ Крајова со 19:17 против ЦС Магура. Со оваа победа екипата на Крајова се наоѓа на седмата позиција на првенствената табела.


