Соиграч на Кире ја заврши сезоната во мечот за бронзата на СП

Репрезентацијата на Франција дојде до бронзениот медал на Светското првенство, но победата од 26:25 против Германија нема да биде запаметена по добро од страна на голманот на Нант, Сирил Думолан. Соиграчот на Кирил Лазаров го повреди коленото, а првите информации се дека повредата е сериозна и дека сезоната е завршена.

Думолан се повреди при обид да дојде до една топка. Во тој обид дојде до судир со Пол Друкс, а настрада коленото при што не можеше повеќе да се движи и мораше со помош на колегите да го напушти теренот.

Дополнителните прегледи треба да покажат за каква точно повреда се работи, но информациите се дека повредата не е воопшто наивна и дека Нант ќе остане само со еден „чувар на мрежата“. Единствениот голман кој е подготвен за настап е Арно Суферт, па ова сигурно ќе биде проблем за тимот на Кирил Лазаров во битката за пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите.