Старо-нов играч кај „каубоите“: Червар направи промена во ростерот на Хрватска

Десното крило на Загреб, Јосип Божиќ Павлетиќ отпадна од списокот на репрезентацијата на Хрватска во пресрет на Светското првенство во Германија и Данска. Еден од ривалите на Македонија на Мундијалот, ќе мора да бара нова алтернатива на десно крило по повредата на „плинарот“.

„По извршените прегледи утврдена е парцијална руптура на тетивата на левиот мускул во препонската регија. Тешко е да се прогнозира колку ќе биде отсутен, но кај вакви повреди треба најмалку три седмици пауза“, велат од лекарскиот тим на хрватската репрезентација.

Селекторот на „каубоите“, Лино Червар, мораше да го врати во ростерот ракометарот на Нексе, Иван Вида, кој го избриша од списокот пред само неколку дена. Прв избор на десната крилна позиција ќе биде Златко Хорват. Македонија ќе игра со Хрватска на 14 јануари.