Одбројувањето до почетокот на Светското првенство во Германија и во Данска е веќе почнато и стартот на натпреварите се доближува така што остануваат уште едноцифрен број на денови до првиот меч на шампионатот.
Македонија се наоѓа во групата во Минхен, а ќе има интересни противници. Со дел од нив веќе има историја зад себе и ќе биде интересно да се види како ќе се одвиваат работите. Сепак, до натпреварите има уште доволно време, па затоа од денеска почнуваме со други интересни моменти поврзани со најголемиот настан во светот на ракометот на кој учествуваат 24 репрезентации.
Од денеска стартуваме со претставување на сите учесници на првенството, а секој ден ќе има и по еден поранешен репрезентативец на Македонија кој ќе ги каже своите очекувања за настапот на нашата селекција на Мундијалот. Одговорите на петте прашања од екс-репрезентаивците очекувајте ги секој ден до почетокот на првенството во 18 часот.
Претходно секој ден ќе можете да се запознаете и со по три репрезентации учеснички на првенството, а покрај тоа и тренерите на екипите кои се на првите четири позиции во Супер машката лига ќе направат анализа на групите така што ќе има денови со богата содржина посветена на Светското првенство, репрезентациите учеснички и на репрезентацијата на Македонија.


