Првиот натпревар на СП ќе биде одговор за нашиот квалитет

Поранешните репрезентативци на Македонија пред почетокот на првенството одговараат на пет прашања поврзани со Светското првенство и со нашиот национален тим. Со нивните анализи ќе можете и вие да имате свој впечаток, а воедно и да знаете од кој ракометар колку да очекувате, но и да имате предвид кои селекции се фаворити.

Раде Стојановиќ е актуелен тренер на Металург 2 и поранешен репрезентативец на Македонија. Тој беше играч кој располагаше со силен шут од далечина и беше разбивач на противничката одбрана. Веднаш после играчката кариера тој почна да работи како тренер и е дел од тимот на Металург. Раде беше тренер на дел од ракометарите кои до минатата сезона играа во вториот тим, а сега се дел од првата екипа.

1.Какви се Вашите очекувања од Светското првенство? Кои репрезентации ги гледате како главни фаворити, а кои може да направат изненадува?

„Според мене ова Светско првенство ќе биде доста израмнето поради фактот што се игра во земји каде ракометот е спорт број 1 по посетеност на натпреварите и по финансиски буџет на клубовите. Шест репрезентации издвојувам како фаворити околу битката за медали, а се работи за селекции кои во изминатите години се во врвот на ракометот: Шпанија, Франција, Норвешка, Германија, Данска и Шведска.

Германија како домаќин сигурно ќе атакува на медал. Данска и Шведска би се вмешале за полуфинале. Знаеме за Шведска од последното Европско првенство за каква репрезентација се работи. Данска како ко-домаќин со Германија по мене би била фаворит од сенка“.

2.Какви се шансите на Македонија? Каде ја гледате шансата за висок пласман?

„За нас ова првенство ќе биде исклучително тешко од причина што имаме сосема нов подмладен ракометен состав без неколку стандардни репрезентативци. Сите треба овој подмладен состав да го поздравиме и да посакаме брзо вклопување во системот на работа на стручниот тим.

Секоја победа на нашата репрезентација ќе им значи многу на ракометарите и според мене најважно ќе биде како ќе стартуваме. Првиот натпревар ќе ни даде доста одговори со каков квалитет располагаме во моментов.

Пласман во вториот круг би бил голем успех, кој не треба да биде притисок плус затоа што, сепак, ќе има играчи кои ќе бидат првпат на едно такво натпреварување и на кој треба да му дадеме голема спортска поддршка“.

3.Од кои ракометари се очекува најмногу на овој шампионат?

„Ова првенство е добро за да можеме да добие нови лидери. Од Талевски и Кузмановски очекувам да имаат доста поголема минутажа, па би требало да го понесат најголемиот товар. Очекувам на овој шампионат во добро светло да се претстават и ракометарите кои во минатата сезона беа дел од тимот на Металург 2. Танкоски, Лазаревски, Серафимов и Димитриоски поседуваат квалитет за настап на едно вакво натпреварување и сметам дека заслужуваат поддршка од сите нас“.

4.Што може да се очекува поразлично во играта на Македонија во однос на претходните настапи на големите натпреварувања?

„Може да очекуваме побрза игра. Сепак, се работи за многу помлади играчи, поголема желба за докажување. Не смее да недостига ниту борбеност (која ја немавме на двете претходно одиграни квалификациски средби). Потпомогнати со искуството на капитенот и на другите што имаат веќе искуство од вакви првенства мислам дека ќе имаме сосема нов лик во однос на претходните првенства“.

5.Дали Раул е вистинскиот човек за пат до Токио?

„Раул е добро докажан стратег во ракометот. Не би требало да се сомневаме во неговата посветеност и визија за репрезентативниот тим на патот кон Токио. Од друга страна е неблагодарно да се постават високи очекувања кон овој подмладен ракометен состав, кој треба за помалку од 20 дена заедно да се вклопи генерациски и играчки и ние да инсистираме на пласман за Токио. Ние сме еуфорична нација. Знаеме од искуство од последното Европско првенство кога после првиот круг сите ја гледаа репрезентацијата во полуфинале и борба за медал. Треба да останеме реални и да и дадеме максимална поддршка на оваа нова ракометна генерација“.