Сениорите се комплетираа, па се распуштија

Ракометарите кои се дел од подготовките на репрезентацијата на Македонија за Светското првенство во Германија и во Данска добија можност за да одморат бидејќи од вчера не се на тренинг и до среда ќе бидат на одмор. Раул Гонзалес одлучи да им даде одмор на ракометарите после тренинзите кои ги имаа во минатите неколку денови, па тие вчера имаа само еден тренинг по што денеска, утре и задутре ќе имаат три дена за собирање на сили за следниот дел од подготовките.

Со оглед на тоа што ќе има нова пауза на 6 и на 7 јануари поради Бадник и Божиќ јасно е дека во следните денови после оваа пауза ќе се работи на тактичкиот дел бидејќи следуваат и две контроли против селекцијата на Србија.

Инаку, националниот тим на Македонија се комплетираше со доаѓањето на Филип Талески, па до крајот ќе се работи во комплетен состав, па сега се очекува Раул да каже кои ќе бидат патниците за Мундијалот. На тренинзите има 22 ракометари, па за шест нема да има место на стартот. Дали на Светсткото првенство ќе патуваат 17 или 18 играчи засега не е познато.

Контролните средби со Србија се предвидени за 4 и 5 јануари. Првиот натпревар е од отворен карактер и ќе се игра од 20 часот на 4 јануари, додека следниот ден од 15 часот ќе биде одигран уште еден натпревар, но тој ќе биде поинаков дуел бидејќи ќе се игра без присуство на публика.