Французите не брзаат – го чекаат Никола Карабатиќ во вториот круг во Келн

Селекторот на Франција, Дидие Динар не се откажува од желбата на Мундијалот во Германија и во Данска во својот тим да го има и Никола Карабатиќ, кој поради повреда пропушти многу од досегашниот дел од сезоната.

Карабатиќ не беше на стартот од подготовките со репрезентацијата, а нема да да биде ниту на почетокот на вториот дел кога на 2 јануари ракометарите одново ќе почнат со тренинзи и ќе влезат во финишот од подготовките за Светското првенство. Сепак, селекторот Динар вели дека е оптимист и дека Карабатиќ би можел да биде дел од составот на СП.

Тој почнал да тренира, но работи со намален интензитет. Има уште време за да може да го даде максимумот, но би можел да биде добро засилување за втората фаза на првенството кога Франција би требала да се соочи со групата каде е Македонија.

„Не смееме да брзаме и мора да почекаме за да видиме дали Никола ќе биде подготвен. Ние работиме со 20 ракометари и имаме квалитет, но веруваме дека и Карабатиќ ќе добие зелено светло на новите прегледи и ќе го имаме во тимот“, вели селекторото на Франција.

Оваа селекција ќе има две контролни средби на 5 и 7 јануари, а ривали ќе бидат ракометарите од Словенија.