Првиот ривал на македонската репрезентација на Мундијалот во Германија и Данска ќе биде Јапонија. Оваа селекција покажа дека воопшто не е наивна, откако беше поразена по ударите од седум метри од Полска.
Азиската репрезентација се подготвува во Европа за настап на Мундијалот и учествува на турнирот „Четири нации“ во Полска. Јапонците играа во полуфиналето против домаќинот на турнирот и загубија на пенали со 4-3, откако натпреварот во регуларниот тек заврши нерешено, 25-25.
Јапонците, кои се предводени од поранешниот селектор на Германија, Дагур Сигурдсон и кои ќе го користат Мундијалот како подготовка за Олимписките игри во 2020 година, покажаа дека не треба да се сметаат за тотален аутсајдер на претстојниот светски собир.


